ВИДЕО: Динамо Загреб и Легија со победи договорија двомеч во ЛШ

Екипата на Динамо Загреб дојде до триумф кај Омонија (0-1) и патува во наредната фаза од квалификациите во фудбалската Лига на шампиони.

Загрепскиот тим беше без капитенот Аријан Адеми кој е повреден, но затоа во тимот го имаше Стефан Ристовски, кој стартува од првата минута и го одигра цел натпревар до самиот крај. 

Динамо се мачеше доста на незгодното топло време на Кипар, а отпорот на домашниот тим го скрши во 79. минута кога Менало доби топка од Мишиќ и откако се ослободи од чуварот со финта реализира за конечни 0-1.

„Модрите“ во наредната фаза од Лигата на шампионите ќе играат со полска Легија, која исто така минимално славеше на гостински терен кај Флора Талин (0-1). Единствен стрелец на мечот беше Гимараеш Лопез во 67. минута од натпреварот.

Во третото квалификациско коло патува и Малме, кој одигра реми со ХЈК во Финска (2-2) ама таму допатува со предност од еден гол од мечот на домашен терен (2-1).