Динамо Загреб го сака Барди бесплатно, Башакшехир нуди размена

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Енис Барди не е посакуван во Трабзонспор и му е кажано дека може слободно да си бара нова средина, но проблем е договорот кој играчот го врзува со турскиот клуб до јуни 2025 година.

Енис Барди инсистира да ги наплати парите кои му ги должи Трабзон, се шпекулира за сума од 100.000 евра, па ќе си замине. Клубот, засега, не сака такво нешто. Интерес има од повеќе екипи, меѓу нив се Башакшехир и Хатајспор од Турција, Динамо Загреб од Хрватска и Леганес од Шпанија.

Турските медиуми објавија детали за иднината на македонскиот фудбалер. Се тврди дека Динамо Загреб би го ангажирал Барди само без обештетување, но прашање е дали новиот тренер Фабио Канаваро го гледа во тактичките замисли. Адут на Барди во Динамо беше претходниот тренер Бјелица кој доби отказ.

Башакшехир, пак, нуди размена за македонскиот фудбалер. Турскиот суперлигаш кој е некогашен шампион во земјата во замена за Барди го нуди турскиот фудбалер Беркај Езчан кој ова сезона одигра 11 меча во Суперлигата.

Барди во Суперлигата оваа сезона настапи на само осум натпревари. Во Трабзон дојде во 2022 година од Леванте, а претходно играше за унгарски Ујпешт, шведски Преспа Бирлик, како и младинските тимови на Брондби и Шкупи.