Динамо Загреб без Адеми и уште една ѕвезда ќе гостува кај Ријека

Екипата на Динамо Загреб нема по добро да ја памети октомвриската репрезентативна пауза, затоа што во последните десет дена остана без двајца клучни фудбалери.

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми, откако поради повреда ги „скокна“ септемвриските квалификации, на последните им се врати на обврските на репрезентацијата, но одново се повреди. На дуелот со Германија големиот борец доби незгоден удар од асот на Челзи, Хаверц и беше приморан предвреме да го заврши дуелот во Скопје.

Последните информации кои доаѓаат од Хрватска велат дека Адеми со сигурност нема да игра на дербито со Ријека, овој викенд, а во текот на следната седмица ќе има нови медицински прегледи и тогаш ќе се знае кога ќе им се врати на терените.

Покрај македонскиот репрезентативец, „модрите“ се загрижени и за ситуацијата со Мислав Орсиќ, кој исто така повреден се врати во клупската база и тој нема да биде во составот против Ријека.