• Иван Димовски
Фудбалерите на Динамо Загреб покажаа сила и рутински ја совладаа Ријека со 2-0 (2-0), во дербито на 21. коло во Хрватската прва лига. „Модрите“ уште во првиот дел дојдоа до двојна предност и го добија дербито за врвот на табелата. Со погодоците на Шутало и Оршиќ, Динамо дојде до славје и со 43 бода се одвои на лидерското место.
На овој натпревар настапија тројцата македонски репрезентативци. Аријан Адеми беше заменет во завршницата, а Стефан Ристовски во победничкиот табор, како и Дарко Велковски во редовите на Ријека одиграа по 90 минути на „Максимир“.
Шампионот подобро влезе во натпреварот, играчите од Загреб беа порасположени за игра и уште од стартот наметнаа свое темпо. Резултатот го отвори стоперот Јосип Шутало по 22. минути игра (1-0). Оршиќ нафрли до Андриќ чиј удар го скроти голманот Лабровиќ, ама на одбиената топка налета Шутало и ја смести во мрежата.
- Извештај од натпреварот:
Течеше 42. минута кога Мислав Оршиќ успеа да ја удвои предноста на Динамо (2-0). Андриќ ја започна контрата и го проигра крилниот фудбалер кој излета сам пред голот, па погоди во гостинската мрежа. Иако Ријека успеа да се консолидира во второто полувреме, не успеа сериозно да го загрози голот кој го брани Ливаковиќ. На спротивната страна најблизу до трет погодок беше Иванушец кој не реализира и дуелот заврши со резултатот поставен во првиот дел.
Со 43 бода и натпревар помалку Динамо Загреб се одлепи на лидерската позиција пред Осијек и Ријека кои имаат по 40, додека четврт е Хајдук со 38 и меч дефицит.