Динамо и Ријека одиграа супер-дерби, шест гола и поделба на бодовите

Динамо Загреб и Ријека ги поделија бодовите со реми од 3-3 (2-3), во рамките на третото коло на Хрватската прва лига. Средбата на „Максимир“ понуди драма, атрактивни погодоци и дури шест погодоци, а можеше лесно да има и повеќе. Динамо поведуваше двапати, но гостите се враќаа во игра. Ријека направи пресврт во финишот на првиот дел, додека ремито за Динамо го донесе Оршиќ.

На двете страни играа македонски репрезентативци. Дарко Велковски беше стартер за Ријека, а Стефан Ристовски за Динамо Загреб, но кај домаќинот изостана Аријан Адеми поради повреда. 

По само осум минути игра „модрите“ поведоа преку Дино Периќ. По асистенција на Фрањиќ, дефанзивецот на Динамо го отвори резултатот (1-0). Се играше отворено, а тоа резултираше со брз израмнувачки погодок. Иса Абас во 22. минута донесе егал за Ријека и најави интересен меч. Сенегалецот даде атрактивен гол, со одличен удар во мрежата на Динамо Нов погодок за домашната екипа постигна Ловро Мајер по нешто повеќе од половина час игра за 2-1. 

Сепак, радоста одново траеше кратко. Абас одново беше стрелец за ријечани и успеа да израмни, овојпат на 2-2. До полувремето Јосип Дрмиќ донесе целосен пресврт за Ријека и 2-3 во пресрет на продолжението. 

Отворената игра продолжи и по паузата од 15 минути. Според планот, Динамо успеа да се врати во игра преку Мислав Оршиќ. Крилниот фудбалер во 59. минута стрелаше за 3-3 и најава за уште поинтересна завршница во главниот град на Хрватска

Динамо притисна и се обиде да стигне до победата, нова шанса за втор гол имаше Оршиќ, но ударот заврши крај голот. Во финишот се закани и Лука Иванушец, кој изнуди добра одбрана од голманот Лабровиќ. На крајот, двете екипи мораа да се задоволат со по бод на првото големо дерби во Хрватска.