ВИДЕО: Динамо и Адеми тргнаа со трофеј, падна Ријека за нов успех во хрватскиот Суперкуп

Фудбалерите на Динамо Загреб го грабнаа првиот трофеј во новата натпреварувачка сезона на хрватскиот фудбал, откако со минимални 1-0 славеа во Суперкуп финалето против големиот ривал Ријека. 

Шампионот на Хрватска успеа да ја оправда улогата на фаворит во пресрет на овој дуел и заслужено донесе нова радост на своите фанови, но судејќи по настаните на мечот може да жали што не забележа поубедлива победа. 

Динамо тргна офанзивно уште од самиот старт, а Дамјан Кадзиор ја имаше првата изгледна шанса за отворање на резултат, но беше непрецизен во реализацијата. Сепак, неколку минути подоцна „модрите“ стигнаа до заслужено водство, откако Амер Гојак со прекрасен погодок ја стресе Ријека и донесе голема радост на присутната публика на „Максимир“.

Во вториот дел, и покрај водството, Динамо доминираше, играше допадлив фудбал, креираше шанси, но за жал не успеа да уште еднаш да ја затресе мрежата на противникот. 

На спротивната страна избраниците на Бичан одиграа катастрофално речиси во сите 90 минути и ниту еднаш не успеаја да упатат удар кон голот на Ливаковиќ. Нашиот репрезентативец Велковски, кој ги брани боите на Ријека, не доби шанса за настап, додека Адеми ги одигра сите 90 минути.