Динамо го има „новиот Адеми“: Аријан е човечиште и страшен играч!

Аријан Адеми е од Шибеник и е капитен на Динамо Загреб, но хрватскиот првак донесе уште еден играч од истиот град, кој игра на истата позиција и од него се очекува достојно да го замени македонскиот репрезентативец кој може да замине по крајот на оваа сезона.

19-годишниот Марко Булат е капитен на Шибеник, а од следната сезона ќе го носи дресот на најуспешниот хрватски клуб. Динамо Загреб за него плати 2,2 милиони евра, но за да добива минутажа, ќе остане во Шибеник до крајот на сезоната.

„Парите не беа пресудни за трансферот во Динамо Загреб. Зоран Мамиќ ми кажа дека ме гледа како нов Аријан Адеми за тимот, сите ми кажаа дека ќе застанат зад мене и ќе ме поддржат, па дури и кога ќе играм лошо“, вели Булат.

Младиот играч говореше и за 29-годишниот Адеми на кого му се восхитува.

„Адеми е страшен играч, не треба за него многу да се говори. Иако доаѓаме од ист град, не се познаваме приватно, но разговаравме неколку пати. Се видовме кратко кога дојдов во Загреб да потпишам договор. Тој е борец од глава до пети, а од тоа не прави голема фама. Сите велат дека е човечиште, а гледате и сами како тој се однесува и покрај се што мина во животот“, додава Булат.

Булат игра за Шибеник од неговата 16-та година, а досега има 72 настапи на кои даде осум гола. Играчот од средниот ред го направи најголемиот трансфер во историјата на Шибеник.