Динамо демантира: Нема никаков судир, се подготвува нов договор за Адеми!

Како бомба одекнаа натписите за наводната желба на Аријан Адеми да го напушти Динамо Загреб. Хрватските медиуми пренесоа дека македонскиот репрезентативец побарал трансфер и има две побогати понуди, како и дека бил лут на управата и челниците на клубот. 

Поради тоа, Динамо Загреб реши да објави официјално соопштение во кое ја објасни ситуацијата. Вистина е дека Адеми има две понуди, бил на состанок и ги соопштил на челниците на клубот, меѓутоа сите страни се договориле дека нема простор за заминување. Напротив, од Динамо нагласија дека е предложен нов договор за капитенот. 

„Не постои никаков судир во ниту еден облик меѓу челниците на клубот, претседателот, членовите на управата или тренерот Анте Чачиќ во однос на капитенот на Динамо, Аријан Адеми. 

Капитенот денес беше во клупските простории на состанок за да ја изнесе информацијата дека постои интерес од одредени клубови од странство за трансфер. Челниците заедно со спортскиот директор и тренер едногласно го кажаа својот став за останување на Аријан Адеми во Динамо, па е изнесен предлог за капитенот да потпише нов договор ос клубот“, стои во соопштението. 

Адеми е член на Динамо Загреб од 2010 година кога пристигна од Шибеник. Досега за клубот запиша 351 настап, постигна 39 погодоци и запиша 29 асистенции. Аријан Адеми е капитен, омилен играч на фановите и една од најголемите легенди на клубот од „Максимир“.