• Мартин Танасковски

Македонскиот репрезентативец Бојан Димоски во новата година ќе има нов клуб, затоа што го напушти руски Акрон Тољати порано од предвиденото и се пресели во Србија.
Нов клуб на македонскиот играч е белградски Партизан. Димоски во Белград доаѓа на позајмица со право на откуп. Во интервју за клупскиот канал, македонскиот фудбалер ги сподели првите импресии.
„Отсекогаш сум го сакал Партизан. Најубаво чувство е да се носат црно-белите бои и се надевам дека ќе оставам трага во клупската историја. Партизан има голем број навивачи во Македонија - многумина ми пишаа деновиве. Знам дека таму има и организирана група на Гробари, што особено ме радува", изјави Димоски.
Дресот на Партизан носи посебна тежина со себе – очекувањата се големи, а притисокот постојан. Сепак, ова не му е непознато на Бојан, кој помина низ сличен предизвик додека настапуваше за Вардар:
„Како и во Партизан, притисокот беше огромен и во Вардар. Резултатите се задолжителни, победите се задолжителни, а квалитетот на играта мора да биде на највисоко ниво. Но, тоа е она што не мотивира нас спортистите. Притисокот го гледам како дополнителна мотивација бидејќи е чест да го носиме дресот на Партизан. Верувам дека нè очекува успешен период", исаткна македонскиот играч.
23-годишниот бек кој се афирмира како македонски репрезентативец под водство на Благоја Милевски пристигна во Акрон во јули 2023 година, а за него ова беше прва интернационална станица.
Бојан Димоски почна со сениорскиот фудбал во Вардар, со кого стана шампион на Македонија. Настапуваше уште и за Брера Струмица. За Македонија има вкупно 18 настапи.