• Мартин Танасковски
Фудбалерите на Валенсија славеа со 2-0 на гостувањето кај Леванте во градското дерби од 24. коло на Ла Лига, прекинувајќи ја серијата од два порази и освојувајќи исклучително важни бодови во борбата за опстанок.
„Лилјаците“ со овој триумф се искачија на 14. позиција со 26 бодови и барем привремено можат полесно да здивнат. Сепак, неизвесноста останува, бидејќи имаат само два бода повеќе од Мајорка, која е прва под линијата на испаѓање и има натпревар помалку. За Леванте ситуацијата е далеку покритична. Тимот е претпоследен, 19-ти со само 18 бодови, а сè поизвесно е дека му претстои брзо враќање во Сегунда.
Во првиот дел немаше голови, а главен виновник за тоа беше македонскиот голман Столе Димитриевски кој беше одличен на голот. Резултатот беше отворен во 64. минута со вистинска мајсторија на Рамазани. Белгиецот одлично ја прими топката и од околу 16 метри, без таа да ја допре земјата, со силен удар од колено ја испрати под пречката за водство од 0-1, крунисувајќи ја молскавичната транзиција на својот тим.
Конечните 0-2 ги постави Умар Садик, во 84. минута. По големата шанса на Леванте и паничното расчистување на Гера, Валенсија тргна во контранапад. Садик беше побрз и поснаодлив од Ромеро, излезе сам пред голманот Метју Рајан, додека останатите домашни играчи беа на спротивната половина, и прецизно реализираше од 17 метри.






