Димитриевски: Осамен сум и морам да готвам во изолација, оваа битка ќе ја добиеме

Скоро сите македонски спортисти затекнати се во своите клубови од пандемијата ковид-19 и во своите домови ја одржуваат формата додека не им се вратат на секојдневните тренинзи. Во овој момент жариште се Италија и Шпанија, а голем дел од нашите фудбалски репрезентативци играат во овие две земји.

Столе Димитриевски за шпанските медиуми откри како изгледа неговата изолација во градот кој е најзагрозен на Пиринеите, Мадрид.

„Осамен сум и изолиран тука во Мадрид. Сепак, многу вежбам, се трудам да останам во форма, читам книги, гледам филмови и серии. Често зборувам со семејството и со пријателите во Македонија. Ми недостигаат и најблиските и би сакал да заминам дома, но сите заедно ова мора да го издржиме. Принуден сум и да готвам во овој период. 

Секоја вечер во 20:00 часот излегувам на прозорецот и како цела Шпанија аплаудирам за оние кои ја водат оваа битка: докторите, медицинските сестри, сите медицински работници“, рече за „Марка“, Димитриевски.

Поранешниот чувар на мрежата на Работнички потоа се осврна на поместениот натпреварот од баражот против Косово, кој наместо во март, ќе се игра во јуни. 

„Требаше да го играме натпреварот против Косово, кој е многу значаен за македонскиот фудбал, но одложен е поради моментната состојба. Сега размислувам само да ја добиеме битката со вирусот и повторно да им се вратиме на нормалното секојдневие“, заврши македонскиот репрезентативен голман.

До прекинот во Сегунда, Рајо Ваљекано се наоѓа на 11-тото место на табелата со 40 освоени бода.