• Иван Димовски
Македонскиот репрезентативен голман, Столе Димитриевски, и официјално го продолжи договорот со Валенсија до 2028 година. По потписот, чуварот на мрежата на „лилјаците“ не го криеше задоволството и истакна дека никогаш немал дилема околу својата иднина во шпанскиот клуб.
„Многу сум среќен и одушевен што можам да го објавам ова двегодишно продолжување со Валенсија. Немав никакви сомнежи околу продолжувањето, отсекогаш го посакував и бев фокусиран на тоа, бидејќи сум многу среќен тука и со сè што претставува клубот.
Секогаш се трудам да го покажам и да го дадам најдоброто од себе. Знам што е Валенсија и колку е голема, знам какви се нејзините луѓе и сè што доаѓа со овој клуб. Секогаш велев дека сакам да играм за голем клуб кога дојдов во Шпанија, а Валенсија е еден од најголемите. Многу сум среќен што продолжувам, уживам секој ден на тренинзите, на натпреварите и бранејќи го овој грб“, започна Македонецот.
Осврнувајќи се на изминатата сезона, Димитриевски призна дека му било жал што првенството завршило во момент кога бил во добра форма.
„Штета што првенството заврши, бидејќи се чувствував добро и бев среќен. Не успеавме да го оствариме тоа што го посакувавме, но пред нас е година во која мора да се вратиме посилни и подобро подготвени за да ги исполниме нашите цели. Голманската позиција отсекогаш била таква. Со секој натпревар и секоја минута се чувствував подобро. Се чувствувам многу добро подготвен, физички и психички. Може да се каже дека досега се чувствувам на моето најдобро лично ниво. Никогаш не сум тренирал во ниту еден клуб како тука, на ваков начин и со оваа филозофија. Поради тоа што го гледам секој ден, сè повеќе верувам во неверојатни одбрани, а подготовката е величествена за да можам да покажам дека сум во мојот најдобар момент, иако секогаш можеме да напредуваме“, посочи Димитриевски.
На крајот зборуваше и за македонската репрезентација и сонот за настап на Светско првенство.
„Да се квалификуваш на Светско првенство од Европа е многу тешко. Мора да завршиш прв во групата, бидејќи баражот е многу комплициран. Станува збор за тоа да се кренеш и да продолжиш да се бориш. Веројатно имам уште едно или две Светски првенства пред мене и ќе се обидам со сета моја желба. Исто и во Валенсија следната сезона, мораме да се обидеме да продолжиме да одиме нагоре и да остваруваме поважни цели“, заврши голманот.
Македонскиот голман верува дека Валенсија во новата сезона ќе биде уште подобра и порача дека клучот ќе биде добриот старт на шампионатот.


