Димитриевски: Ми годи интересот на Валенсија, но во овој момент имам друга цел

Првиот чувар на мрежата на Македонија, Столе Димитриевски игра одлична сезона во Примера и е незаменлив меѓу стативите во Рајо Ваљекано

Неговите забележителни настапи ги натераа поголемите шпански клубови да пријават сериозен интерес за услуги на Столе, а меѓу нив е и поранешниот шампион Валенсија

25-годишниот голман вели дека му годи интересот на „лилјаците“, но во овој момент има друга цел, а тоа е да продолжи да брани одлично и да му помогне на својот тим да обезбеди опстанок во Примера.

„Навистина сум среќен што една Валенсија е заинтересирана за мене. Но, во овој момент во мислите имам само едно, а тоа е да продолжам да бранам најдобро до крајот на сезоната за Рајо. Сакам опстанок во Примера и за тоа мора многу работа, а потоа ќе се разгледаат опциите. За таа ситуација не решавам само јас, туку и клубот и спортскиот директор. Мене ми годи интересот, но сега имам друга цел“, вели Димитриевски.

Димитриевски својата кариера ја започна во Работнички, а од 2012 година се сели во Шпанија, каде уште ги носеше дресовите на Гранада Б, Кадиз, Гранада и Гимнастик.