Димитриевски: Како дете ми купија „Панини“ албум, ми падна во Вардар...

Голманот на македонската фудбалска репрезентација, Столе Димитриевски, откри интересна анегдота за неговото детство и за фудбалската пасија која ја имал како дете. Кумановецот кој е член на Рајо Валекано и редовна „единица“ на националниот тим, за „Марка“ раскажа кога неговиот татко му купил албум за сликички како дете...

„Ќе кажам една приказна. Татко ми ми купи „Панини“ албум за ЕП. Еден ден ми падна во реката Вардар. Не престанав да плачам. Ми купи нов и имам слика од тој ден. Сега, татко ми и сестра ми собираат сликички со мојот лик! Тогаш беше невозможно да се сонува за такво нешто, сега го живеам тоа. Се случува нешто неверојатно“, кажа Димитриевски.

Димитриевски во националниот тим игра со Горан Пандев. Направи споредба со Дарко Панчев, а исто така кажа и збор повеќе за капитенот.

„Панчев беше Златна копачка и го освои Европскиот куп со Црвена Звезда. Но, за мене, Пандев е најдобриот, уживам со него, тој е најталентираниот играч со кого сум играл. Пандев е важен за нашата земја. Децата во Македонија сакаат да бидат како Горан Пандев. Тој е лидер, капитен и подобра личност од играч“, додаде голманот.

Целосното интервју на Столе Димитриевски за „Марка“ може да го прочитате ОВДЕ.