ВИДЕО: Димитриевски ја сочува мрежата, Рајо продолжува да „гази“ во Примера

Фудбалерите на Рајо Ваљекано продолжуваат со низата успешни резултати, откако во рамките на 21. коло на гости го совладаа тимот на Алавес со 0-1 (0-0) и по долго време побегнаа од опасната зона.

Повторно еден од најзаслужните за четвртата победа во последните пет меча на малиот мадридски тим беше нашиот Столе Димитриевски, кој одлично бранеше и не дозволи да биде совладан. По 0-0 на полувреме, на стартот на вториот дел, Раул де Томас искористи еден центаршут и со глава го матира домашниот голман, за водство на гостите од Мадрид од 0-1.

Во продолжение на мечот Алавес доминираше, а во два наврати главниот судија ја прегледуваше и ВАР снимката за можен пенал, но без да пресуди во корист на домаќините. По денешната победа тимот на Мичел има 23 бода, два повеќе од Селта Виго, која се наоѓа на позиција, која води во Сегунда.

Во следното коло тимот на Рајо Ваљекано ќе го пречека Леганес, а Алавес ќе игра против Реал Мадрид.