Димитриевски: Имав договор со Барса, одбив скоро 20 милиони евра од Арапите!

Македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски беше гостин на „Лазаров Подкаст“ каде со водителот Стефан говореше на повеќе теми, меѓу нив и оној жежок трансфер во Барселона кој се најавуваше ама не се оствари, како и високата финансиска понуда од Саудиска Арабија која не ја прифатил за се уште да брани на високо ниво.

„Понудата од Саудиска Арабија беше навистина огромна. Сумата беше меѓу 10 и 20 милиони евра. Ми нудеа тригодишен договор. Претходно имав речиси склучен договор со Барселона, ама Нето не си замина и до потпис не дојде. Чекав да ми заврши договорот по една одлична сезона. Нормално е Арапите да се појават, ама сметав дека не е време за мене да одам таму. Сметам дека можам да бидам на исто ниво уште четири пет години во Примера на високо ниво. Сумата беше навистина огромна, ама јас решив да останам и да бркам спортски успех. Не ја затворам вратата, кога ќе видам дека перформансот ќе ми падне, е тогаш би си одел во послаба лига. Таму лигата се подобри и напредува, економски е фантастична, ама за мене не беше момент. Јас сум во најзрелите голмански години".

Тој ја прокоментира и ситуацијата во Валенсија каде не добива шанса, иако брани на врвно ниво во дресот на Македонија.

„Ситуацијата во Валенсија во моментов и тоа што го договаравме се различни. Опцијата беше заминување на Мамардашвили, па јас да влезам на негово место. Кога се појавија тие, јас ги одбрав пред Бетис, Севиља... Дојдов во клубот, голманот го продадоа и вратија од позајмица. Не сум во прв план, чекам шанса и не сум демотивиран. Не ја поддржувам одлуката на тренерот, ама ја почитувам. Интерес за мене имаше и ова лето, имаше опции од најсилните лиги, Турција и Саудиска Арабија, но клубот секогаш ја креваше цената.“, раскажа Димитриевски.

Македонскиот чувар на мрежата доби шанса да го чува голот на Валенсија по осум и пол месеци пред репрезентативната пауза, кога беше дел од натпреварот на „лилјаците“ во Копа дел Реј.