• Саше Љолес
Македонскиот репрезентативец Ељиф Елмас одигра уште еден одличен натпревар за својот Наполи, а неговиот тим успеа да се закити со трофејот во Суперкупот, по победата над Болоња во финалето (2-0).
„Дијамантот“ шести пат по ред беше во почетниот состав на Антонио Конте, остави солиден впечаток на теренот, а исто така имаше и одлична шанса во десеттата минута. За Елмас ова беше последната „алка“ од трофеите во италијанскиот фудбал, откако претходно го освои Купот, но и најважното од сѐ - скудетото на Серија А.
Ова значи дека македонскиот фудбалер е само вториот во историјата на нашата држава кој ги обединил сите трофеи на „чизмата“. Истото остварување го има и легендарниот Горан Пандев, кој ја обедини италијанската, но и европската „триплета“ со екипата на Интер. Најдобриот стрелец во историјата на Македонија ова остварување го „заокружи“ во сезоната 2010/11.



