„Диего ми рече дека морал да го постигне „голот на векот“, затоа што...“

Синоќа аргентинските фанови за последен пат го поздравија Диего Армандо Марадона. Легендарниот фудбалер пред два дена ја загуби својата најважна битка и почина на 60-годишна возраст, а вчера беше погребан во Буено Аирес.

Марадона е еден од најдобрите фудбалери на сите времиња. Ќе остане запаметен по бројните мајстории на теренот, но и по контроверзните ситуации, а најконтроверзна е секако голот со рака против Англија на СП 1986 во Мексико.

На тој натпревар, Диего ги „среди“ Англичаните со два гола. Најпрво „Божјата рака“, која во овие денови на ВАР сигурно ќе беше поништена, а потоа ги надигра сите англиски играчи и го постигна голот на векот.

Поранешниот италијански судија Паоло Казарин за „Скај Спорт“ откри една интересна анегдота поврзана со Диего, кој му рекол дека морал да го постигне голот на векот, затоа што првиот беше нерегуларен.

„Сите знаеме што направи тогаш - си поигра со речиси сите англиски играчи и даде гол за паметење. При една средба со него ми рече дека морал да постигне таков гол затоа што првиот не беше регуларен“. Тоа беше Диего, вистинскиот Диего“, рече Казарин.

Toj натпревар меѓу Аргентина и Англија се играше во рамките од четвртфиналето на планетарниот собир. Потоа „гаучосите“ славеа над Белгија и Западна Германија и ги израдуваа своите фанови со најпрестижниот репрезентативен трофеј.