Диего Алонсо: За мене уругвајските фудбалери се најдобри во светот

Селекторот на фудбалската репрезентација на Уругвај, Диего Алонсо изјави дека неговите играчи се „најдобри на светот“, најавувајќи го првиот натпревар на Мундијалот, утре попладне против Кореа. 

Двократниот светски орвак квалификациите ги почна со ветеранот Табарез, а ги заврши со младиот Алонсо на клупата.

„Кога велам дека играчите на Уругвај се најдобри во светот, тоа го велам затоа што се мои. Тоа не е ароганција. Тоа се чувства, го кажувам она што го чувствувам. Тие се мои деца, тие се најдобри на светот.

И најмалата одлука што ја донесоа во последните месеци, ја донесоа заедно со националниот тим. Ова мора да нè направи горди - нас, стручниот штаб, но и целата земја“, нагласи Алонсо, во врска со фактот дека Единсон Кавани и Луис Суарез ги сменија клубовите ова лето со цел подобро да се подготват за Светското првенство.

Алонсо исто така додаде дека на натпреварот против Кореја нема да биде на располагање дефанзивецот, Роналд Араухо, кој беше опериран на 28 септември поради повреда на десната бутна тетива и сè уште е во фаза на заздравување.

Капитенот на репрезентацијата Диего Годин истакна дека ја почитуваат репрезентацијата на Кореја, која според него е многу конкурентна и динамична.

„Многу ги почитуваме, тоа е одлична селекција, многу конкурентна, многу динамична, со многу изразен стил на игра и играчи кои знаат да направат дисбаланс“, изјави Годин.

Дуелот на јужноамериканската и азиската селекција се игра утре попладне од 17:00 часот.