• Саше Љолес

Аргентинскиот фудбалер Пауло Дибала реши да го тужи својот поранешен клуб, Јувентус за сума од дури педесет милиони евра, кои фудбалерот ги загубил откако биле прекинати преговорите за нов договор со „бјанконерите“.
После големите недоразбирања со управата на торинскиот клуб минатото лето, Дибала одлучи да замине од Јувентус и премина во екипата на Рома, а веќе подолго време се зборува за долгот кој Аргентинецот сака да си го наплати од „старата дама“.
„Кориере дела Сера“ наведува дека Дибала преку својот адвокат Лука Ферари покренал постапка во која бара исплата на договорените средства, иако тој договор не бил потпишан официјално со Јувентус.
Адвокатот на Дибала смета дека договорот меѓу двете страни, кој требал да изнесува 9,2 милиони евра годишно, Јувентус морал да го испочитува, а покрај овие суми, дополнително ќе бидат побарани уште три милиони евра кои Јуве не му ги исплатил на Аргентинецот во текот на финасиските малверзации по кои на „бјанконерите“ им беа одземени петнаесет бодови во Серија А.
„Јувентус ми должу преку три милиони евра за неисплатени плати во 2021 година. Последниот рок за уплата на средствата е до крајот на месец април, а потоа моите адвокати ќе мораат да ги тужат, иако јас од самиот почеток посакувам сето ова да го избегнам“, изјави Пауло Дибала пред неколку денови за италијанските медиуми.
Разврската за овој случај допрва треба да започне, а дел од медиумите велат дека можен е договор за „компензација“ и Јувентус да му исплати на Дибала повеќе од 60% од долгот, без целиот случај да заврши во судските инстанци.