ВИДЕО: Дибала е „талисманот“ на Сари, Јуве преку Милан се врати на тронот

Актуелниот италијански првак Јувентус забележа дерби-триумф против Милан (1-0) во рамки на 12. коло од калчото и повторно се врати на врвот на табелата во најквалитетниот шампионат на „чизмата“.

  • Извештај од натпреварот:

Милан му даде голем отпор на фаворитот, па така Јувентус мораше да го бара патот до победата по потешкиот пат. Одбранбениот бедем на „росонерите“ функционираше добро, а еден мал пропуст на Ромањоли дозволи првакот да постигне гол и тоа преку „талисманот“ на Маурисио Сари, Пауло Дибала.

>>> ФОТО: Роналдо се налути – Сари го замени, тој избега во соблекувална!

Аргентинецот влезе од клупата за резерви и тоа на местото на Кристијано Роналдо, во 55. минута од средбата на „Алијанц стадион“. Португалецот негодуваше, беше незадоволен од измената, но Дибала покажа уште еднаш зошто ја има довербата од стратегот на „бјанконерите“.

Напаѓачот на Јувентус одлично се протна во шеснаесетникот, пројде преку Ромањоли и по земја го совлада Џиџи Донарума. Потоа, Јувентус добро се затвори, одбраната функционираше перфектно, па Милан немаше можности да ја загрози посакуваната победа. Пред финишот, Дибала со сличен дриблинг пак влезе во шанса, ама овој пат во 93. минута Донарума со фантастична интервенција изби во корнер.

Јувентус по 12 одиграни кола има 32 бода, еден повеќе од второпласираниот Интер, додека Милан и понатаму го тресе криза и се наоѓа на четиринаесеттата позиција со само 13 бода.