ВИДЕО: Диаз потсети на духот на Хамес, Колумбијците силни со дебитантот

Фудбалската репрезентација на Колумбија со победа од 3-1 над Узбекистан го затвори првото коло од групата К на Светското првенство. Натпреварот се одигра на легендарниот стадион „Ацтека“ во Мексико Сити, а главна фигура беше Луис Диаз. Ѕвездата на Баерн Минхен постигна еден гол и запиша асистенција, потсетувајќи на настапите на Хамес Родригез од Мундијалот во Бразил во 2014 година, кога Колумбиецот беше најдобар стрелец на турнирот.

  • Извештај од натпреварот:

Иако влезе како аутсајдер, дебитантот Узбекистан остави одличен впечаток и покажа дека заслужено се најде меѓу најдобрите светски селекции. Избраниците на Фабио Канаваро беа дисциплинирани во одбраната и долго време успешно ги неутрализираа нападите на Колумбија. Првата голема шанса ја создадоа Јужноамериканците дури во 30. минута, кога Луис Диаз ја погоди стативата по одличното додавање на Ариас.

Сепак, во 41. минута немаше спас за Узбекистан. Диаз испрати фантастична топка зад одбраната, а десниот бек на Кристал Палас, Даниел Муњоз, одлично се снајде и ја затресе мрежата за водство од 1-0. Во второто полувреме следуваше историски момент за азиската селекција. Во 65. минута Хамданов успеа да ја задржи топката во игра и нафрли кон Елдор Шомуродов, чиј удар несигурно го одбрани голманот Варгас. Одбиената топка ја дочека Абосбек Фајзулаев и го постигна првиот гол за Узбекистан на Светските првенства за израмнување на 1-1.

Радоста на Узбекистан траеше само пет минути. По загубена топка на средината на теренот, Колумбија организираше брза контра, Густаво Пуерта го пронајде Луис Диаз, а колумбискиот ас прецизно погоди за ново водство од 2-1. Во финишот Узбекистан се обиде да дојде до ново израмнување, но наместо тоа прими уште еден гол. Во судиското продолжение Хуан „Кучо“ Фернандез избори топка и нафрли во шеснаесетникот, каде Хамилтон Кампаз ја постави конечната победа од 3-1.

Узбекистан можеше да го ублажи поразот, но 18-годишниот Каримов ја погоди само пречката во последните моменти од натпреварот. Во второто коло Колумбија ќе се сретне со ДР Конго, додека Узбекистан ќе се обиде да дојде до првите бодови против Португалија.