Диало и „слоновите“ ја завршија бајката на Буркина Фасо

Фудбалската репрезентација на Брегот на Слоновата Коска ја совлада селекцијата на Буркина Фасо со 3-0 во осминафиналниот натпревар од Африканскиот куп на нации, одигран во Маракеш и обезбеди место во следната фаза.

  • Извештај од натпреварот:

Избраниците на Емерс Фае рутински ја оправдаа фаворитската улога против мотивираниот, но квалитативно послаб противник и заслужено обезбедија пласман меѓу најдобрите осум селекции на континентот.

„Слоновите“ од самиот почеток ја наметнаа својата игра, а по првата закана на Франк Кеси дојдоа и до водство во 20. минута. Амад Диало одлично се снајде во казнениот простор на Буркина и прецизно го совлада немоќниот Кофи. Новата радост за Брегот на Слоновата Коска следуваше веќе во 32. минута, кога Јан Диоманде ја искористи асистенцијата на Диало и со сигурна завршница ја удвои предноста.

Буркина Фасо се обиде да одговори преку Уатара, но до крајот на првото полувреме немаше промена на резултатот. Во вториот дел фаворитот рутински ја контролираше играта и успеа дополнително да ја зголеми предноста. Конечните 3-0 ги постави резервистот Базумана Траоре, кој по одличен пробив по левата страна погоди во 88. минута од натпреварот.

Во четвртфиналето на АФКОН, Брегот на Слоновата Коска ќе се соочи со селекцијата на Египет, која претходно го елиминираше Бенин.