• Саше Љолес
Аргентинскиот ветеран Анхел ди Марија, го реализираше трансферот во Розарио Централ и се врати во клубот каде ги направи своите први фудбалски чекори.
Враќањето дома беше најавувано одамна, па сега конечно доби и официјална потврда. Ди Марија пристигна веднаш после настапот со Бенфика на Светското клупско првенство и веќе беше претставен пред медиумите.
Славниот аргентински фудбалер не ги задржа емоциите и во плач изјави дека е пресреќен што се вратил дома после многу години, најавувајќи дека ќе се бори за добри резултати на тимот.
„За ова мечтаев долго. Сакав да дојдам порано, но не беше можно. Сега тоа е зад мене, конечно сум тука, со своето семејство. Ова е мојот сон, да играм за Розарио и повторно да истрчам на овој легендарен стадион“, изјави Ди Марија.
37-годишниот Ди Марија најверојатно и ќе ја заврши кариерата таму каде што започна пред точно дваесет години. Во меѓувреме играше за Бенфика, Реал Мадрид, Манчестер Јунајтед, ПСЖ и Јувентус, освојувајќи титули во сите можни натпреварувања.




