• Иван Димовски
Финалето на Копа Америка, во кое Аргентина ја победи Колумбија (1-0) по продолженијата, беше последен репрезентативен настап за Анхел ди Марија.
Ветеранот, кој е фудбалер на Бенфика, реши дека е време да се повлече од националниот тим, па не можеше да одбере подобар момент. Ди Марија пред крајот беше заменет, доби овации и аплаузи на отворена сцена, а не можеше да ги задржи емоциите и заплака. По мечот тој потврди дека се повлекува од репрезентацијата, нагласувајќи дека сонувал за вакво повлекување.
„Сонот ми беше да се повлечам на овој начин од националниот тим. Аргентина е мојата љубов, мојата земја. Благодарност до сите“, кратко прокоментира ветеранот.
Ди Марија ќе одигра уште една сезона на клупски план за Бенфика, меѓутоа повеќе нема да биде дел од репрезентацијата на Аргентина. Играјќи за својата земја тој освои два трофеи на Копа Америка, Светско првенство и титулата Финалисима.