Ди Марија со солзи на очите се збогува од фановите на Бенфика!

Екипата на Бенфика не успеа да го симне Спортинг од тронот во Португалија. Последното коло од тамошниот шампионат не донесе изненадување во трката за шампионскиот трофеј, затоа што Спортинг славеше сигурна победа над Вотирија Гимараеш, додека Бенфика одигра само 1-1 против Брага.

По неуспехот на лисабонскиот гигант, навивачите на Бенфика дознаа уште една лоша вест – еден од најдобрите фудбалери во последните сезони, Анхел ди Марија си заминува од клубот. Искусниот аргентински ас ги одигра последните минути за Бенфика и летово ќе бара нов предизвик во кариерата. Иако има 37 години, тој верува во своето тело и смета дека сè уште е рано за пензија. Но, каде ќе ја продолжи кариерата, засега не е познато. 

Инаку, Ди Марија во Бенфика се врати во 2023 година и за лисабонскиот тим одигра 51 натпревар, на кои постигна 17 гола. Претходно, една сезона играше за Јувентус, а голем белег остави во ПСЖ, чии редови ги бранеше седум години. Во својата кариера има и една неуспешна авантура во Манчестер Јунајтед, како и трофејна во Реал Мадрид. Својата кариера на европско тло ја започна токму во Бенфика, за која настапуваше од 2007 до 2010 година.