Ди Марија откри што рекол Меси пред мундијалското финале во Катар

Репрезентацијата на Аргентина конечно успеа да стигне до долгоочекуваната светската титула на Мундијалот во Катар. Лионел Меси влезе во „бесмртните“ и изгради статус на божество во својата земја, исто како и легендарниот Диего Армандо Марадона. 

Аргентинските играчи беа во „транс“ по освоената титула, а пред неколку дена репрезентативецот Анхел Ди Мариа отворено зборуваше каква била атмосферата во соблекувалната пред финалниот натпревар и што Меси им кажал на своите соиграчи. 

„Лео зборуваше многу помалку отколку пред финалето на Копа Америка. Не можеше да се воздржи, емоциите го совладаа. Само кратко ни кажа дека мора да дадеме сè од себе. Тој се расплака, а потоа и јас. Не поради трема или нервоза, туку поради важноста на натпреварот и поради тој специјален момент за сите нас.

Сите бевме полни со емоции и знаевме дека овој натпревар ќе ги одбележи нашите животи. Прекрасно е кога ќе излезеш како победник од финален меч на Светско првенство, тоа е незаборавен момент за сите нас и за цела Аргентина“, изјави Ди Марија. 

Аргентина на Мундијалот во Катар стигна до третата светска титула, прва по ерата на Диего Марадона. „Гаучосите“ во големото финале ја совладаа Франција, а публиката ширум светот беше сведок на епско и спектакуларно финале кое беше решено по пенал-рулетот, откако во регуларниот дел резулатот беше 2-2, а по продолженијата беше 3-3.