Девојките удрија „педесетка“, Прилеп и Тиверија најубедливи

Викендов се одиграа натпреварите од Првата женска фудбалска лига и на нив паднаа вкупно 50 погодоци, на седум натпревари.

Најубедливата победа ја извојува екипата на Прилеп, која над Плачковица славеше со убедливи 11-0. Потоа следеше Тиверија Струмица која го почести Борец со „десетка“ (10-0), додека актуелниот лидер Драгон со 8-0 беше подобар од Кочани.

Топ Гол на домашен терен со 7-0 славеше над Атлетико, три бода освои и тимот на Истатов, кој со 0-4 славеше на гостувањето кај Кемница Саса, а исто така до победи дојдоа и АС Јунајтед и Речица, кои беа подобри од Тетово, односно Љуботен.

Лидер во првенството е екипата на ЖФК Драгон и само чудо може да ја врати од освојувањето на титулата оваа година.