• Мартин Танасковски
Во рамки на истрага за наводен синџир на проституција во Милано, италијанските медиуми објавија дека во документацијата се појавуваат имиња на повеќе познати фудбалери. Сепак, надлежните органи јасно нагласуваат дека ниту еден од споменатите играчи не е под истрага ниту се сомничи за кривично дело.
Меѓу имињата што се појавуваат како дел од таканаречени „клучни зборови“ во налогот на обвинителството се Алесандро Бастони, Рафаел Леао, Душан Влаховиќ, Раул Беланова, Рикардо Калафиори, Јан Бисек, Андреа Пинамонти, Самуеле Ричи и Џанлука Скамака.
Овие имиња, според обвинителството предводено од Марчело Виола, се користат исклучиво како параметри за пребарување при анализата на електронските уреди запленети во истрагата. Целта е да се утврдат евентуални врски и комуникации поврзани со осомничените организатори на нелегалните активности.
Во акцијата спроведена пред неколку дена, четири лица беа уапсени и ставени во домашен притвор под сомнение за поттикнување и експлоатација на проституција. Истражителите од финансиската полиција продолжуваат со анализа на мобилни телефони и други уреди, како и со сослушување сведоци, со цел да се утврди вистинскиот обем на случајот.
Според досегашните информации, се проверува и можноста дел од фудбалерите да присуствувале само на забави организирани во ноќни клубови во Милано, без да користат незаконски услуги. Наводно, тие настани биле поврзани со компанија која служела како параван за пошироката мрежа.
Истрагата е во тек, а италијанските власти нагласуваат дека во оваа фаза нема докази кои би ги поврзале споменатите спортисти со било какви незаконски дејствија.









