• Горан Упале
Екипата на Детонит Плачковица забележа уште еден неуспех во пролетниот дел од шампионатот во Втората македонска фудбалска лига. На дуелот со Арсими тимот од Плачковица загуби со 2-1 и со тоа значително ги намали шансите во трката за директна промоција во елитата.
Но, од редовите на Детонит силно удрија по судењето на оваа средба кое го окарактеризираа како – судиски бандитизам и сценарио кое може да биде номинирано за Оскар.
Во продолжение во целост ви го пренесуваме соопштението на Детонит Плачковица.
„Судиски бандитизам надвладеа денес над фудбалското небо во Македонија. Ова што денес се случи во Голема Речица е невиден срам за ФФМ, Судиската комисија и самите судии водени од Дејан Младеноски.
Ова ја понижи самата ВМФЛ и рејтингот на сите екипи во неа.
Претрпената штета е огромна: погрешни жолти картони, монтиран пенал, погрешни офсајди, аути, слободни удари и за крај поништен гол и директен црвен картон. Да не беше доцна, денешното судиско сценарио ќе беше номинирано за Оскар. Срамота невидена!Срамота за фудбалот и за иднината на младите фудбалски таленти и генерации кои со мака ги гради оваа земја. Со вакво судење нема фудбал драга ФФМ“.
По осумнаесет одиграни кола Детонит е на третата позиција со 38 бода, четири помалку од Пелистер и дури девет од лидерот Беса.