• Саше Љолес
Англиската фудбалска федерација му изрече осуммесечна забрана за играње фудбал на репрезентативецот Иван Тони кој настапува за екипата на Брентфорд во Премиер лигата. Играчот беше обвинет во скандал со обложување, а сега се појавија и конкретни детали од целиот случај.
Поранешниот напаѓач на Њукасл беше на позајмица во Виган додека беше член на „страчките“ и токму во тој период дури тринаесет пати се обложил против неговиот матичен тим, а вкупно обложувалниците регистрирале 29 облози од фудбалерот. Сето ова се случувало во периодот помеѓу февруари 2017 и март 2018 година, стои во соопштението од англиската ФА.
„Ајван Тони не учествувал во ниту еден натпревар од споменатите тринаесет. Тој не бил ниту во составот за тие натпревари, но сепак, неговиот потег е за осуда и не остава добар пример за останатите. Но, потоа, имало и случаи каде тој се обложувал на натпревари во кои бил директен учесник, а тоа е најстрого забрането и предвидува драконски суспензии и казни“, се вели во официјалното соопштение на Англиската фудбалска федерација и нејзината дисциплинска комисија.
Ајван Тони се соочува со суспензија од осум месеци, која веќе е активирана и тој не беше во составот на последните два натпревара во Премиер лигата. Казната доаѓа во најлош можен момент за него, затоа што сезонава беше феноменален и одигра маестрални партии за Брентфорд. 27-годишниот напаѓач беше прва ударна „игла“ во нападот и постигна 20 голови.