• Горан Упале

По последната одлука на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), со која парично драконски ја казни Шкендија, а притоа ја исфрли и од Купот на Македонија за следната сезона, спонзорот на клубот бара оваа одлука итно да биде преиспитана и коригирана.
Во спротивно, најави повлекување од клубот и мак-фудбалот.
„ФК Шкендија е еден од ретките клубови што функционира со сериозност, коректност и целосна усогласеност со спортските и финансиските обврски. Нашиот придонес низ годините чинеше многу труд, средства и жртви. Покрај тоа, Шкендија е клубот кој со своите достоинствени настапи во Европа го зголеми коефициентот на лигата, од кој корист имаат сите домашни клубови и благодарение на кој, од следната година, нашиот фудбал ќе има дополнително место во европските купови.
Затоа е неприфатливо со одлуки донесени „на маса“ да се оштети еден сериозен проект и овој придонес да се „награди“ со намерни удари. Овој пристап нè тера да ја разгледаме и опцијата за повлекување од клубот, односно од фудбалот во Македонија. Доколку федерацијата не ја повлече оваа одлука, ние како спонзор сериозно ќе го преиспитаме нашето понатамошно учество, бидејќи оваа одлука ги нарушува правата и политиките на клубот. Очекуваме органите на федерацијата итно да реагираат, во интерес на спортската правда, клубот и иднината на фудбалот воопшто“, велат од клубот од Тетово.
Инаку, Шкендија беше казнета по повеќе основи, а од Купот на Македонија е исфрлена поради неприфаќањето да ги примат медалите за вицешампиони во Купот на Македонија.
