Деспотовски со добрите игри се препорача во Белгија и Русија

Поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Стефан Деспотовски, игра регуларно во дресот на српски ОФК Белград и со добрите партии може да си овозможи трансфер.

22-годишниот дефанзивец играше на сите позиции во одбраната оваа пролет и беше еден од клучните играчи во добрите дефанзивни партии на екипата. Медиумите во Србија јавуваат дека за него има интерес од две европски земји.

Се работи за екипи од Белгија и Русија. Две екипи се од белгискиот шампионат, а една од руското првенство. Во следните денови се очекува да пристигне и официјална понуда за Деспотовски на адреса на ОФК.

Играчот кој е роден во 2003 година во српскиот суперлигаш дојде од Шериф Тираспол. Во кариерата тој беше дел од младинскиот тим на Црвена Звезда, Графичар и Работнички.