Десподов: Ќе истрчаме на теренот во Скопје по победа и ништо друго

Репрезентацијата на Бугарија во последното коло од Лигата на нациите доаѓа кај Македонија, на реванш дуел за крај на групната фаза. Двете селекции целат кон второто место во групата кое носи дополнителни бенефиции во иднина. 

На средбата со медиумите, покрај бугарскиот селектор Младен Крстајиќ, се обрати и Кирил Десподов. Крилото ја повтори тезата за политизирањето на натпреварот, а нагласи дека неговите соиграчи размислуваат само на победата. 

„Треба да одиграме подобро од Македонија. Да сме дисциплинирани и да ги следиме тактичките барања од тренерот, да покажеме карактер и да се прикажеме добро на теренот. Сите момци верувам ќе истрчаат на теренот по победата и за ништо друго. Тимот знае што треба да прави, нема потреба од зборување дополнително, најважно е да зборуваме на теренот“, изјави напаѓачот.

Бугарија на овој репрезентативен собир е со значително изменет состав, па не се знае што треба да се очекува од овој колектив. Првиот натпревар во Разград заврши со нерешени 1-1, иако Македонија беше подобра и имаше повеќе шанси за победа.