Дешамп: Ситуацијата во Јунајтед лошо влијае врз Погба, тој е ментално нестабилен

Селекцијата на Франција пред неколку дена беше шокирана на свој терен во Париз, откако со 0-2 го загуби дуелот со Финска, во кој беше голем фаворит со оглед на квалитетот на двете селекции.

Сепак, момците на Дидие Дешамп одиграа далеку под своите можности и дозволија дебитантот на следното Европско првенство многу лесно со два гола уште во првиот дел да стигне до историска победа. Искусниот селектор на клупата на „триколорите“ и покај поразот и лошата игра застана зад своите момци, а најмногу зборуваше на играта на Пол Погба и кој е виновникот за неговата форма.

„Погба не игра во најдобра форма, тоа го знаев уште пред натпреварот. Го ставив во игра од првата минута само затоа што мислев дека овој натпревар ќе му даде некој ритам. Тој знеше дека ќе игра само еден час. Сите играчи што имаат проблеми во своите клубови, тоа се рефлектира и во селекцијата. Ситуацијата во Јунајтед го раздрма Погба. Го знам многу добро и знам дека ова може да му се случи на секој фудбалер“, рече Дешамп.

Франција вечерва е пред нов голем испит затоа што гостува кај Португалија во дуел кој најверојатно ќе го реши лидерот на табелата во групата 3 од Лигата на нации.