Дешамп: Франција и Германија се меѓу најдобрите на светот, детали ќе одлучуваат

Првото вистинско дерби и натпревар од највисокиот ешалон на светскиот фудбал, ќе биде пресметката на Франција и Германија. Среќата посака во „групата на смртта“ да играат овие две селекции, плус европскиот првак Португалија, како далеку најквалитетна група. 

Во пресрет на дуелот утре, селекторот на Франција Дидие Дешамп ја анализираше средбата која ќе се одигра во Минхен.

„Отворањето ќе биде голем натпревар за нас, но и за Германците бидејќи сме меѓу најсилните на светот. Целта е да бидеме ефективни на двете страни од теренот, бидејќи детали ќе го одлучат натпреварот. Милер, Гнабри и Хаверц имаат индивидуални квалитети и се без фиксни позиции, па тешко е против нив. Хаверц се движи низ цел терен, Гнабри може да претрча многу, а тука се и играчи како Вернер и Сане со различни профили. Кај нас сите 26 фудбалери во тимот се на располагање“, изјави Дешамп.

Во рамките на групата Ф, Франција и Германија ќе се пресметаат на „Алианц Арена“ во Минхен утре, со старт од 21:00 часот.