ВИДЕО: Десет минути за Миовски, Ренџерс со играч помалку загуби од Генк

Фудбалерите на Глазгов Ренџерс претрпеа пораз од белгискиот Генк во првото коло на Лига Европа и загубија пред своите навивачи со минимални 0-1 (0-0). Македонскиот репрезентативец Бојан Миовски започна на клупата за резерви и доби шанса за настап во 80. минута, но не успеа да му помогне на својот тим, кој цело второ полувреме беше со играч помалку. 

  • Ренџерс - Генк 0-1:

Првите сериозни возбудувања на мечот пристигнаа во финишот на првото полувреме. Најпрво Мохамед Диоманде заработи директен црвен картон поради многу опасен старт, а потоа Генк не реализираше удар од единаесет метри преку Хеонг-Гју Ох. На паузата останаа почетните 0-0. 

Корејскиот интернационалец не се обесхрабри после промашениот пенал и продолжи да биде движечка сила во нападот на гостинскиот тим. Белгијците создадоа 3-4 одлични шанси на стартот од вториот дел, а потоа Гју Ох конечно ја затресе мрежата и донесе водство во 55. минута (0-1). 

Се обидоа „полицајците“ бргу да се вратат во игра и покрај теренскиот дефицит, во следниот период се закануваа со „британски“ пристап - многу прекини и нафрлени топки, но не го пронаоѓаа патот до целта. Генк ја чекаше својата шанса од контри и полуконтри, постигна и втор гол во 69. минута, но погодокот беше поништен поради офсајд. 

Со влегувањето на Миовски на теренот, Ренџерс малку живна во нападот, неколку топки беа упатени кон него, но не доби вистинска можност за погодок. Генк заслужено го заокружи натпреварот со конечни 0-1 и ги освои првите три бода во групната фаза на Европската лига. 

Екипата на Штутгарт на домашен терен ја совлада Селта од Виго со 2-1, а стрелци на головите за „швабите“ беа Бадредин Буанани и Билал Ел Канус. Шпанскиот состав шутна само еднаш во рамките на голот и постигна почесен погодок преку Борха Иглесиас во 86. минута. 

Салцбург и Порто беа многу блиску до реми со конечни 0-0, но крајниот епилог го смени младиот Вилијам Гомес, кој донесе победа за Португалците во 93. минута од натпреварот (0-1).