Десет Македонци играле во Британија, остана само уште Бојан Миовски

Најтешката категорија на македонски интернационалци по осамостојувањето се оние кои играле во Велика Британија. И во поранешна Југославија не беше лесно да се стигне до трансфер во Англија, што заради ограничувањата, што заради законските одредби, а што и заради квалитетот на југословенската лига кој во еден период можеше да се мери со англиската елита. Посебно по кризата заради хулиганството, декретот на Маргарет Тачер и затворениот англиски пазар. Само шестмина играле во Англија по нашето осамостојување како самостојна држава, а четворица тоа го сториле во најсилната категорија. Иако веројатно не оставиле трага како нашите интернационалци во Италија, Германија, Шпанија, сепак испишале важни страници во колевката на фудбалот. 

Ѓорѓи Христов многу млад замина во белградски Партизан и брзо се избори за настап во црно-белиот дрес. Натпреварот кој беше пресвртница во кариерата на битолчанецот беше 101-то „вечно дерби“ и двата гола на Христов против Црвена Звезда. Претставници на Барнсли дојдоа да го следат дуелот и веднаш за око им застана Македонецот со истенчен гол-инстикт. Се чинеше дека Гоце секогаш е на вистинско место, каде што треба, секоја одбиена топка, секој точен и помалку точен пас знае да го смести во мрежата. Едноставно тоа не се учи, тоа или го имате или во немате. А Христов го имаше од најмали нозе, уште кога со младинците на Пелистер „растураа“ меѓу врсниците. И така новиот премиерлигаш се „заљуби“ во Христов и брзо му исплати обештетување на Партизан за перманентен трансфер. 

Во летото 1997 година Ѓорѓи Христов стана прв Македонец кој заигра во Премиер лигата. Барнсли не беше тим со голем буџет и силен играчки кадар. Tимот имаше многу англиски фудбалери, Норвежанецот Фјортоф, Холанѓаните Тен Хеувел и Де Зеув и Шкотланѓанецот Џон Хенри. Тешка мисија беше опстанокот, Христов одигра 28 натпревари и постигна пет гола, но Барнсли со 35 бода го освои 19-тото место и испадна во Чемпионшип. Следеше проблем со повредите, малку натпревари во понизок ранг и во 2000 година си замина од Британија, за да потпише за НЕЦ Најмиген. Со 45 натпревари и осум постигнати гола, Христов ги отвори вратите на македонските фудбалери во Англија. Христов изгради одлична кариера, блесна во Холандија, играше и во Унгарија, Израел и Кипар, а до блесокот на Горан Пандев беше најдобар стрелец во историјата на македонската репрезентација. Во Англија остана запаметен и по изјавата дека Англичанките се грди жени. Дел од изјавата беше и погрешно протолкувана од островската јавност. 

Гоце Седлоски од Победа потпиша за Хајдук и брзо се наметна за интернационалниот пазар. Една и пол сезона остана на „Пољуд“ и менаџерите го уловија во летото 1998 година. Физичката конструкција, корпулентноста и играта во воздух беа адутите на прилепчанецот. Општ впечаток беше дека е создаден за англискиот фудбал. Шефилд Вендсдеј го ангажираше и во сврсти во амбициозниот проект. Седлоски ја делеше соблекувалната со Ди Канио и Бени Карбоне, со Дејан Стефановиќ, Швеѓанецот Никлас Александарсон, Норвежанецот Руди, ветеранот Вокер... Tимот го водеше Дејвид Плит, а Седлоски беше уште млад, конкуренцијата многу силна и не одигра многу натпревари. Шефилд Вендсдеј ја оствари целта, го обезбеди опстанокот, а Седлоски со четири одиграни натпревари се врати во Хрватска и стана легенда на Динамо Загреб. Одигра точно сто натпревари за македонската репрезентација, долг период беше капитен и сигурно англиското искуство му послужи да се изгради како фудбалер понатаму во кариерата во Хрватска, Јапонија, Турција и Австрија. 

Aртим Шаќири во Британија пристигна во 2003 година, како етаблиран креативен фудбалер за врска, кој играше одлично во ЦСКА Софија. Потпиша за Вест Бромвич Албион, клуб во прогрес и екипа која беше еден од најсериозните кандидати за промоција од Чемпионшип во Премиер лигата. На убедлив начин екипата на Гери Мегсон се врати во елитата и успеа во првата сезона да го потврди статусот. Шаќири играше на парче, но неспорен беше неговиот квалитет и креација. Голот против Барнли на спектакуларен начин го одбележа првиот домашен натпревар на Артим во ВБА. Одигра 28 натпревари за клубот од Бирмингем и во 2005 година требаше да го засили Барнли, но недостатокот на работна дозвола му оневозможи уште едно англиско искуство. Шаќири изгради блескава кариера, подоцна играше Данска, Финска, Швајцарија, Азербејџан. Беше омилен и во репрезентацијата на Македонија, запишувајќи 72 натпревари.  

Во 2012 година Вест Бромвич Албион судбоносно поврза уште еден македонски фудбалер со Англија. По одличниот период минат во Херенвен, Горан Попов потпиша за Динамо Киев, но Украинците го позајмија во Бирмингем. Во најубавите години од својата кариера, струмичанецот веднаш се наметна во дресот на ВБА. Стив Кларк собра одличен тим, Попов ја делеше соблекувалната со Оденвинге, Лукаку (позајмен од Челзи), Золтан Гера, Јонас Олсон, Шејн Лонг... Таа сезона 2012/14, Вест Бромвич веше хит, девет месеци мина во горниот дел на табелата и заврши на осмата позиција, што е најдобар клупски пласман во историјата на Премиер лигата. Ако не беа последните пет натпревари, во кои Попов и соиграчите не победија ниту еднаш, веројатно пласманот ќе беше уште подобар. 

Но, веќе во следната сезона беше потешко. Кларк заработи отказ и дојде Шпанецот Пепе Мел. Екипата ја загуби физиономијата и брзо почна да тоне на табелата. Дојдоа Лугано, Сесењон, Аничебе, Бен Фостер, Стивен Рид. Но, континуитет недостигаше цела сезона и Вест Бромвич едвај се спаси од испаѓање. Освои 36 бода и заврши само едно место над зоната која води во Чемпионшип. Македонскиот интернационалец одигра 14 натпревари и постигна два гола во две сезони, со што беше веројатно најстандарден македонски фудбалер во Премиер лигата. 

Сепак, Попов остана запаметен и по црвениот картон на натпреварот Вест Бромвич Албион - Тотенхем, кој заврши со победа на гостите од 0-1. Струмичанецот беше обвинет за непримерен гест, откако во 47. минута го плукна Кајл Вокер, по што судијата го отстрани од теренот. 

Еден од најпотценетите македонски фудбалери е Величе Шумуликовски. Стружанецот оствари долга интернационална и успешна кариера, а и 84 пати играше за дресот со државниот грб меѓу 2000 и 2013 година. По серија на промени на средината од Словенија, Чешка, Русија и Турција, во 2008 година потпиша за Ипсвич во Чемпионшип дивизијата. Во дресот на некогашниот англиски шампион и победник на Купот, Величе започна да работи со Џим Маџилтон, но по неговата смена, тренер му беше легендарниот Ирец, Рој Кин. Екипата беше интернационална, а најпознато име беше поранешниот европски првак со Реал Мадрид, Иван Кампо. Ипсвич стигна до деветтото место, а нашиот Шумуликовски одигра 42 натпревари. На 16 февруари 2008 година, во првиот натпревар од првата минута, Шумуликовски го постигна единствениот гол за Ипсвич во победата од 2-1 против Блекпул. 

На 4 август 2009 година потпиша за Престон Норт Енд. Шумуликовски беше еден од двајцата фудбалери надвор од Британија во новата екипа, во која тренер беше Дарен Фергусон, син на легедарниот Сер Алекс. Македонскиот репрезентативец одигра 15 натпревари, а целта на крајот беше исполнета и со освојувањето на 17-тото место опстанокот беше обезбеден. Величе Шумуликовски по три сезони во Англија си замина од Островот и кариерата ја продолжи со Новосибирск, па преку Кина и Словачко во Чешка ја заврши богата светска авантура во 2018 година. 

Роден во Прилеп, но израснат во Швајцарија, Езџан Алиоски има неверојатна перспектива да ги собори сите македонски рекорди по бројот на настапи и голови во Премиер лигата. Во летото 2017 година, Алиоски од Лугано, како страничен фудбалер во прогрес, потпиша за Лидс Јунајтед. Поранешниот шампион на Англија креираше одлична екипа, доведе еден од најдобрите светски тренери, Аргентинецот Марсело Биелса, само за да се врати во елитната категорија. Алиоски многу напредуваше и многу среќна околност беше што во кариерата го водеа два големи тренери, Земан и Биелса. Првиот му даде слобода во играта во напад, а вториот целосно го обликува тактички и денес е многу позрел фудбалер. Играта на Алиоски како страничен фудбалер има многу повеќе баланс, иако пак тежнее повеќе кон офанзивата.

Кога се чинеше дека минатата сезона е онаа вистинската, дојде неочекуваниот пораз во полуфиналето од плеј-офот против Дерби Каунти и сонот за влез во Премиер лигата е пролонгиран најмалку за една година. Следеше дополнително засилување на играчкиот кадар и јакнење на тимскиот дух. Биелса се потпира на искусниот Шпанец, Пабло Хернандез, поранешниот голман на Реал и Еспањол, Кико Касиља, Португалецот Хелдер Коста, Шкотланѓанецот Даглас, нашиот Алиоски и група на фудбалери која перфектно го интерпретираат неговиот стил и карактер. Иако имаше многу зли јазици дека аргентинската филозофија не може така лесно да се имплементира во Англија, се чини „Локо“ Биелса успеа. Му недостигаше само промоција во Премиер лигата, веројатно директна, бидејќи плеј-офот не му оди баш најдобро на Лидс Јунајтед. На убедлив начин Биелса го внесе Лидс во елитата и во првата сезона овој тим беше вистински хит. Никој не можеше лесно да го победи, издвојува и неколку изненадувачки победи против најсилните екипи и заврши токму на средина на табелата. По една сезона во Премиер лигата. Џани доби понуда од Саудиска Арабија и како слободен фудбалер потпиша за Ал-Ахли. Во меѓувреме заигра на Европското првенство и постигна гол против Украина. Неговиот клуб во Саудиска Арабија испадна и Алиоски беше ова лето позајмен во турски Фенербахче.

Тројца македонски фудбалери настапувале во шкотската Премиер лига. Тетовчанецот, кој детството го помина во Данска, Бајрам Фетаи во 2004 година стана прв македонски фудбалер кој заиграл во Шкотска. Изненадувачки потпиша од Б93 во Глазгов Ренџерс. Имаше несреќа да наиде на многу силна генерација и одигра само еден натпревар за Ренџерс. Беше пратен на позајмица во Инвернес, каде запиша девет натпревари. Кариерата ја продолжи во Скандинавија, а кратко играше и за Денизлиспор. Истото лето Ѓорѓи Христов од Холандија, каде играше одлично за НЕЦ Нијмеген и Цволе, се врати во Британија и го облече дресот на Данмерфлајн. Остана една сезона во Шкотска, имаше проблеми со повредите и одигра само осум натпревари.

Претходното лето 2003 година во Шкотска пристигна и Горан Станиќ. Најнапред во Рајт Роверс во втората категорија, а потоа и во Ливингстон во Премиер лигата. По шпанското и српското искуство, скопјанецот имаше две одлични сезони во Шкотска. Дефанзивецот запиша 29 натпревари за Рајт Роверс и 20 за Ливингстон. Кариерата ја заврши во Ист Фајф, клуб за кој запиша четири натпревари. Во периодот во Ливингстон, Станиќ ја делеше соблекувалната со легендарниот капитен на Барса, Гиљермо Амор. Пред да дојде во Шкотска, Горан Станиќ одигра два натпревари и за најдобрата македонска репрезентација. По долг пост, ова лето еден млад Македонец пристигна во Шкотска. Бојан Миовски од МТК Будимпешта потпиша за Абердин. Одлично се снајде на пријателските натпревари, а дебитираше со феноменална партија во Лига Купот против Раит Роверс. Пред него е блескава иднина и сигурно не го кажал последниот збор во шкотската Премиер лига.

Убеден сум дека во иднина ќе биде многу полесно нашите професионални фудбалери да реализираат трансфери во Англија и Шкотска во споредба со претходните три децении. Иако лигите се многу посилни од некогаш, законските ограничувања не се веќе пречка, а и квалитетот на нашите фудбалери порасна. Сигурно ќе мине долго време фудбалер директно од ПМФЛ да потпише во Премиер лигата, бидејќи денес тоа е скоро, па невозможно. Сепак, преку транзициски трансфер во некоја полесна европска лига, македонските фудбалери ќе стигнуваат до островските ѕвезди и милиони. 

Прочитајте повеќе околу тековните трансфери во Македонија и светот на ОВОЈ линк.