Десаи: Во ВАР гледаа грешна ситуација, Ајакс е оштетен и ова ќе го пријавам во ФИФА! 

Челзи забележа голема победа против Ајакс во Лигата на шампионите, но вчерашниот меч во Амстердам го одбележа спорниот момент при крајот на првиот дел, по кој беше поништен погодок на Промес. 

По речиси едноминутно прегледување на снимката, од ВАР собата констатираа дека фудбалерот на Ајакс се наоѓал во недозволена ситуација при постигнувањето на погодокот, но не мислат така и поранешните фудбалери Марсел Десаи и Тим Шервуд. 

Двајцата, синоќа беа дел од анализата на „БеИН Спорт“ и утврдија дека од ВАР собата гледале погрешна снимка, со што на Ајакс му бил поништен чист гол. 

„Луѓето од ВАР собата користат систем за забавена снимка, а не ги стопираат акциите како што ние го правиме овде. Ова што му се случи на Ајакс не е праведно. Затоа јас, како амбасадор на ФИФА ќе го пријавам овој случај, бидејќи тоа што го гледаме тука, не е исто со тоа што ни го покажаа од ВАР собата.“, рече Десаи. 

Лондонскиот тим до минималната победа стигна во самиот финиш од мечот со голот на резервистот Батчуаји.