Дербито во Кавадарци ветува спектакл со две навивачки групи

Со победата на Шкупи над Брера Струмица (1-0) започна седмото коло на Првата македонска фудбалска лига. Возбудувањата продолжуваат денес, со пет натпревари ширум земјава. 

Дербито се игра во Кавадарци, а таму Тиквеш ќе го дочека изменетиот Вардар. „Црвено-црните“ по доаѓањето на Александар Васоски на клупата тргнаа подобро по стартните порази, додека кавадарчани по добриот старт се во лоша серија. Пресметката на „Градскиот стадион“ во овој град ќе добие на убавина поради присуството на двете навивачки групи. Освен домашните „Лозари“, најавен е и голем број на скопските „Комити“, па се очекува вистински спектакл. На теренот е тешко да се зборува за фаворити, па постои шанса за било каков исход. 

Интересни пресметки се очекуваат и во Штип и Кратово. Шампионот Струга Трим Љум ѝ гостува на Брегалница, во обид да врзе две првенствени победи по лошата низа. Штипјани играа променливо, па се во подредена улога пред дуелот со стружани. Тетовска Шкендија ќе мора сериозно да се измачи за да дојде до успех кај Силекс. Повеќе од солидниот тим од Кратово во првите шест рунди има само еден пораз, две победи и три ремија, игра цврст фудбал и може да парира на фаворитот, но останува да се види до која мера. 

На останатите терени Македонија Ѓорче Петров ќе бара излез од кризата против новајлијата Гостивар, додека Работнички ќе ја дочека Воска Спорт. 

Сите натпревари кои се играат денес во ПМФЛ се во терминот од 15:00 часот.