• Горан Упале
„О Класико“, едно од најголемите дербија во светот помеѓу Порто и Бенфика, е закажано да се игра во недела во 22:15 часот како дел од осмото коло од португалското првенство.
Сепак, информациите од таа земја сугерираат дека постои можност натпреварот воопшто да не се одржи. Во последните денови, неколку играчи на Бенфика и членови на тренерскиот штаб се пожалија на силни главоболки, треска и покачена телесна температура.
Тренерот на Бенфика, Жозе Мурињо, зборуваше за ова по натпреварот против Челзи во Лигата на шампионите. Тој тогаш рече дека имал треска, а потоа се проширила кај неговите соработници и играчи.
Не беше прецизирано кои играчи се разболеле, но имало повеќе со симптоми. Затоа, одложувањето на големото дерби е сè поизвесно, но конечната одлука се очекува во текот на денот.
Порто играше против Црвена Звезда во Лигата на Европа во четврток и славеше со 2-1, додека Бенфика загуби од Челзи во Лигата на шампионите со 1-0.


