• Горан Упале

Фудбалерите на Манчестер Јунајтед обезбедија ново коло во ФА Купот, откако на гости славеа голема победа над Арсенал по изведувањето на пеналите. Во регуларниот дел натпреварот на „Емирати“ заврши со 1-1, а по казнени удари 3-5 за „ѓаволите“. Лутите ривали, кои по завршувањето на ерите на Сер Алекс Фергусон и Арсен Венгер не водат битки за трофеи во Англија, одиграа две сосема спротивни полувремиња – здодевен и не така содржаен прв и луд и атрактивен втор дел.
- Извештај од натпреварот:
На полувреме мрежите мируваа на „Емирати“, а на стартот од вториот дел „ѓаволите“ по пеколна контра поведоа со 0-1. Гарначо, кој по подолго време се најде во првиот состав, додаде до Бруно Фернандеш, а капитенот шутираше од прва и постигна ефектен гол во противничката мрежа.
Но, само девет минути подоцна Манчестер Јунајтед остана со играч помалку, откако исклучување заради два жолти картни заработи левиот бек Диого Далот. „Ѓаволите“ протестираа на оваа одлука на главниот судија, сметајќи дека Мартинели симулирал, но Медли не го промени својот став. Веќе во првиот напад со играч повеќе, Арсенал израмни, откако Габриел со прецизен удар на прва статива го совлада Алтај Бајиндир за 1-1.
Во 70. минута гостинските фудбалери одново му се нафрлија на главниот судија, откако Медли досуди најстрога казна за „топџиите“, по судирот меѓу Мегваер и Хаверц. Но, овој пат правдата беше задоволена, затоа што турскиот голман со одлична интервенција го сопре ударот на Одегард и големото дерби влезе во дополнителни триесет минути.
Очекувано, Арсенал имаше целосна доминација и во продолженијата, но резултатот остана непроменет. Во пенал-рулетот поуспешни беа гостинските фудбалери, поточно херој беше Бајиндир, кој го одбрани ударот на Хаверц во втората серија.