„Дерби дела Мадонина“: Десеткуван Интер, раката на Ричи и тактиката на Алегри! (ФОТО)

Се одигра уште едно „Дерби дела Мадонина“. Интер и Милан ги „вкрстија копјата“ во многу важниот натпревар за битката за титулата, а победата замина кај „росонерите“ (0-1), кои уште еднаш го победија големиот градски ривал. 

Навивачите на Интер немаа многу причини за задоволство уште кога беше објавен почетниот состав, затоа што стана јасно дека покрај повредениот Лаутаро Мартинез, на теренот нема да истрча ниту Турчинот Хакан Чалханоглу. Маркус Турам го пропушти мечот поради болест, а исто така во почетниот состав го немаше ниту Дензел Дамфрис, кој штотоку се врати од тешка повреда. 

Интер мораше да „нападне“ со резервистите Бони и Еспозито, кои рака на срце, не оставија впечаток на достојни замени за првите двајца офанзивци и не создадоа ниту една посериозна шанса. Вреди да се истакнат одличните прилики на Хенрик Михтарјан и Федерико Димарко, но и двајцата немаа добра завршница и не успеаја да ја погодат мрежата на Мајк Мењан. 

На спротивната страна, Милан излезе со најсилното расположливо оружје. Масимилијано Алегри успеа доволно да ги мотивира своите играчи, нешто што беше очигледен проблем кај неговиот помлад колега, Кристијан Киву. Тренерот на Милан уште еднаш покажа дека е мајстор за дерби-натпревари, иако дел од навивачите постојано му замеруваат за дефанзивната тактика. 

„Росонерите“ поведоа во првиот дел со голот на Первис Еступињан, а во второто полувреме започнаа со гранитна дефанзива, која ја задржаа до самиот крај на мечот. Токму во финишот дојде и големата драма. Најпрво, Интер постигна гол од корнер, но судијата Даниеле Довери ја прекина играта пред Федерико Димарко да нафрли, а потоа Интер бараше и очигледна игра со рака во петерецот од Самуеле Ричи. 

И покрај жестоките протести на „нероаѕурите“, судијата Довери не покажа на белата точка, а не доби ниту сигнал од ВАР-собата, нешто што сите во црно-синиот“ табор го очекуваа. Овој спорен момент предизвика и допрва ќе разгори нови полемики околу судењето во Италија, кое и онака веќе неколку години не го бие добар глас во меѓународни рамки. 

Сума сумарум, Милан успеа да победи со мининални 1-0 и ја намали разликата во однос на Интер на седум бода. „Нероаѕурите“ уште се во прилично комотна позиција и самите ќе решаваат за својата судбина во следните кола. Сепак, може да се каже дека битката за скудетото, барем во моментов, се чини дека е далеку од завршена.