ВИДЕО: Депај веќе е лидер, Барса го порази Јуве и го освои „Трофејот Гампер“

Ерата по Лео Меси во Барселона започна со убедлива победа над Јувентус со 3-0 (1-0) и освојување на традиционалниот турнир во чест на основачот на клубот, Жоан Гампер. Мемфис Депај со еден гол и една асистенција уште еднаш потврди дека ќе биде големо засилување за тимот ма Роналдо Куман. Натпреварот се играше на „Јохан Кројф Стадион“ пред 3.000 гледачи.

  • Извештај од натпреварот: 

Депај по само неколку минути игра го отвори резултатот, по една одлична тимска акција и греша на гостинскиот дефанзивец Ругани. Следуваше реакција на италијанскиот гигант и серија на шанси на Мората и Роналдо и опасен удар од далечина на Де Шиљо.

Второто полувреме донесе пониско темпо на игра, многу замени и малку зрели шанси. Во игра кај Јуве влегоа Киеза и Кулушевски и Италијанците играат поофанзивно 15-тина минути. Сепак, по еден час игра Мемфис Депај изведе корнер, Брајтвајт ја натскона „црно-белата“ одбрана и со глава го совлада несигурниот Перим. 

Во последните мигови од натпреварот конечните 3-0 ги постигна младиот Рики Пуч.