• Горан Упале

Мемфис Депај очигледно не сака само нов договор со Коринтијанс, туку и удел во бизнисот на бразилскиот гигант, Коринтијанс. Според „Газета Еспортива“, холандскиот напаѓач поставил неколку необични барања во преговорите за продолжување на соработката, кои далеку ги надминуваат вообичаените финансиски услови.
Меѓу нив е барање да добие приватен апартман на стадионот „Нео Кимика Арена“, како и право да го користи стадионот за организирање приватни настани. Но, тука не застанува приказната, затоа што Депај наводно сака 50 проценти од приходите од тие настани да завршуваат на неговата сметка.
Најнеобичното барање, сепак, се однесува на иднината. Холанѓанецот побарал да добие процент од бонусот доколку Коринтијанс го освои Светското клупско првенство во 2029 година, дури и ако во тој момент веќе не биде член на клубот.
Бразилските медиуми наведуваат дека преговорите сè уште траат, но јасно е дека Депај не преговара само за плата и бонуси, туку сака да биде вистински „ортак“ со раководството на Коринтијанс. Ако дел од овие барања бидат прифатени, тоа би бил еден од најневообичаените договори во светот на фудбалот.




