• Мартин Танасковски
Грците уште го паметат Дарко Панчев, фудбалерот на векот во Македонија и Златната копачка од нашата земја кој со два ефектни гола пред 34 години го покори Панатинаикос среде Атина. Македонецот блесна на натпреварот со два прекрасни погодоци и донесе победа за црвено-белите, а пред мечот имаше увертира која му даде голема мотивација.
Имено, пред дуелот во Атина, Панчев бил малтретиран од функционерите на аеродромот, затоа што кажал дека е Македонец, а Грците не сакале да го пуштат како таков во земјата. Благодарение на УЕФА, бил избегнат скандал, затоа што Панчев не сакал да игра ако не го пуштат да влезе во земјата како Македонец.
„Дојдовме во Грција како европски шампиони, а на аеродромот имаше многу новинари. Кога слетавме, вработените на аеродромот ни дадоа листови да ги напишеме нашите податоци. Јас напишав дека сум Македонец, затоа што така се чувствував, а во Грција тоа го видоа како причина веднаш да почнат да прават проблеми. Правеа проблеми затоа што напишав дека сум Македонец. Џајиќ и Цветковиќ ме молеа да направам било што, само да ја поминам границата. Јас останав на своето, не можев да се претставувам како друг. УЕФА ја предупреди Грција да не прави политички скандали.
Поради тоа, се најдов на сите насловни страници во весниците. Но, како што велат, Бог ги прати храбрите. На Олимпискиот стадион во Атина, пред 80.000 гледачи дадов два гола. Полудеа од мака, затоа што на семафорот стоеше „0-1 Панчев, 0-2 Панчев“. Направија непотребен циркуз, се фатија за тоа дека сум се претставил како Македонец. Но, треба да знаат, дека по Првата светска војна, власта во Грција го призна македонското малцинство и печатеа учебници со македонската азбука. Политиката е глупава. Немав лоши намери, само си се претставив онаков каков што сум“, изјави Панчев во едно од своите интервјуа.
Панчев како фудбалер остави голема трага во европскиот фудбал. Како Златна копачка и Сребрена топка, освојувач на Европскиот Куп и на Светското клупско првенство, со успесите се афирмира како најдобар фудбалер во историјата на Македонија, а покрај за Црвена Звезда играше и за Вардар со кого стана шампион на Југославија, важи за најмлад најдобар стрелец во „екс-ју“ лигата, како и еден од најдобрите голгетери на територијата на поранешната држава. Скоро и да немаше центарфор со чувство за гол како Дарко Панчев во тоа време. Дарко Панчев играше и надвор од територијата на Југославија, во редовите на Интер, Лајпциг, Фортуна Диселдорф и Сион.




