ВИДЕО: Денот кога падна крв на „Максимир“ и почна распадот на Југославија

Пред 29 години на денешен ден (13 мај 1990 година) дуелот помеѓу Динамо и Црвена Звезда во Загреб не се одигра поради хаосот што го направија навивачките групи на двата југословенски гиганти од големата четворка.

Истовремено, овој инцидент беше само најава за крвавата ѓраѓанска војна на просторите на поранешната држава, која започна нешто повеќе од една година по случувањата на „Максимир“.

Хаосот во Загреб на тој 13-ти мај ја покажа сета нетрпеливост помеѓу Хрватите и Србите, кои една година подоцна со оружје во рака ќе се најдат на спротивставените страни. Мечот во Загреб не се одигра и започна со масовна тепачка на јужната трибина каде беа сместени гостите од Белград, популарните „Делии“, по што следеше инвазија од страна на „Бед Блу Бојс“ на теренот, каменување и на крај пресметка со полицијата до доцна навечер.

За Хрватска, мечот има историско значење. Тоа е почеток кога Хрватите покажаа отпор, кога тргнаа во битка за независност. За Србија, пак, дуелот е почеток на сепаратизмот во СФРЈ, кој ќе кулминира со крвава војна.

Мечот кој заврши уште пред да почне, е славен и по физичката пресметка на тогашниот капитен на Динамо Загреб, Звонимир Бобан, со полицаецот Рефик Ахметовиќ, кој подоцна во интервју истакна дека колегите му велеле да употреби оружје, но тој одбил такво нешто.

Реномираната „Си-Ен-Ен“ го смести неодиграниот натпревар на Динамо Загреб и Црвена Звезда меѓу петте натпревари кои ја одбележаа светската историја.