• Мартин Танасковски
На денешен ден, пред 21 година, се појави голманскиот великан Џиџи Буфон. Во дресот на тогашниот калчолигаш Парма голманскиот „Супермен“ го оствари своето деби и почна да пишува историја.
Џиџи, кој кариерата ја почна токму во Парма како младинец, во сениорскиот тим на „млекарите“ дебитира како 17 годишник во 1995 година, на меч против тогашниот шампион Милан. Италијанецот правеше чуда меѓу стативите и не прими гол во својата мрежа (0-0) од легендите Џорџ Веа, Роберто Баџо и Марко Симоне, а потоа, се останато е историја.
До крајот на сезоната Буфон забележа уште седум настапи во дресот на италијанскиот тим, а на голманската позиција тој почна да е стандарден од сезоната 1996/97.
Зад своето име Буфон има многу рекорди, како во Италија, така и во Лигата на шампионите. Уште од 1997 година тој е стандардна „единица“ на националниот тим, а голот на Јувентус го чува вешто уште од 2001 година.
За Парма тој настапуваше од 1995 до 2001 и забележа 168 настапи, додека за Јувентус, од 2001, па се досега забележа над 500 настапи. Во Италија, пак, има 170 настапи
Зад своето име великанот Буфон има трофеи во Копа Италија и Суперкупот, со Парма и Јувентус, еден трофеј во УЕФА Купот со Парма, седум титули во Серија А со „бјанконерите“, како и една титула како Светски првак со Италија во 2006 година и младински шампион во 1996 година.
Единствени трофеи кои му недостасуваат се сениорското Европско првенство, како и оној најпрестижниот, трофеј во Лигата на шампионите.