• Мартин Танасковски
Македонскиот голман Дејан Илиев е многу блиску до разделба со УТА Арад, клуб во кој пристигна летото 2024 година. Причина за можното заминување е заладената релација што во последните два месеца ја има со тренерот Адријан Михалча, јавуваат од Романија.
Расколот меѓу двајцата започнал по поразот на УТА од ФЦСБ, на тој натпревар Илиев имаше слаба партија, а во последната минута од првото полувреме беше исклучен поради игра со рака надвор од шеснаесетникот. Дуелот со ФЦСБ беше последниот натпревар на кој бранеше Илиев. Оттогаш, Михалча целосно му укажа доверба на Андреј Горчеа, дури и на куп-натпреварот повторно против ФЦСБ. Откако беше оставен на клупата, извори од клубот за романските медиуми тврдат дека Илиев се соочил тренерот.
„Отиде кај него и му рече дека, како капитен, очекувал да му се објаснат причините зошто тренерот повеќе не смета на него. Михалча тоа го доживеал како повик на одговорност и од тогаш повеќе не можел да го гледа“, вели еден функционер на клубот од Романија.
Тренерот индиректно најавил дека постои таканаречена „црна листа“ со фудбалери со кои сака да се раздели оваа зима. Што се однесува до Дејан Илиев, се шпекулира дека тој веќе ја изразил желбата да му биде дозволено да го напушти клубот, а Михалча не се противел на тоа.
Илиев е меѓу најплатените фудбалери во УТА, откако летоска го продолжи договорот до јуни 2027 година. Сепак, челниците на клубот инсистираат Михалча и Илиев да си подадат рака и да ја продолжат соработката, со оглед на тоа што македонскиот голман беше еден од најдобрите во Суперлигата минатата сезона.




