• Мартин Танасковски

Македонскиот голман Дејан Илиев ги потврди најавите од Босна и Херцеговина и потпиша договор со еден од најголемите клубови во земјата, Сараево. Соработката ќе биде до крајот на сезоната, со опција да се продолжи на две години.
Досегашната „единица“ на Сараево, Мухамед Шахиновиќ, дефинитивно ќе го напушти клубот, а нов голман на екипата од главниот босански град е македонскиот голман кој последните неколку месеци ги мина во финскиот ХЈК Хелсинки.
Илиев најголемиот дел од кариерата го помина во Англија, каде што помина низ академијата на Арсенал. 28-годишниот голман поголемиот дел од времето го мина на позајмица, а лондонскиот клуб го напушти во 2022 година.
Неговиот последен ангажман беше во финскиот ХЈК, а последниот дел од сезоната го пропушти поради повреда на лактот. Она што е исто така важно за тимот од Кошево е дека Илиев нема да биде третиран како странец според сегашните прописи на НС/ФС на БиХ.